Прво издание на ИДТФ „Битолино“
буџет: 360.000 ден.
одиграни претстави: 5
посетеност: 1400 гледачи

Од 05.08 до 07.08.2011 год под мотото САКАЈТЕ ГО ТЕАТАРОТ во Битола во склоп на Битолското културно лето БИТФЕСТ 2011, а во организација на Детски театар Петар Стојковски-Бабец од Битола се одржа, првиот од ваков вид во Република Македонија, Интернационалниот детски театарски фестивал БИТОЛИНО 2011. 1 ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ДЕТСКИ ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ БИТОЛИНО 2011 е реализиран со поддршка на Општина Битола, Битфест 2011 и Министерството за култура на РМ и спонзорите на Детскиот театар : Градежно претпријатие ПЕЛИСТЕР Битола, КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА АД Скопје, Прехрамбена индустрија ВИТАМИНКА Прилеп, ДОБРА ВОДА, СОЛИНА Солена соба Битола, ЛАДНА ВОДА, Синдикална организација АД ЕЛЕМ Подружница РЕК Битола и Пицерија БУРЕ Битола.Фестивалот беше поддржан и од следните културни установи од Македонија и светот : Театарска младина на Македонија, Светската асоцијација на детски театри АСИТЕЖ, Центарот за детски театри од средна и југоисточна ЕВРОПА – ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР, Н.У. Центар за култура Битола, Н.У. Народен театар Битола.На фестивалот зедоа учество пет професионални детски театри: Мини театар од Љубљана Р. Словенија, Тијатротем од Истанбул Р. Турција, Театар Шило од Софија Р. Бугарија, Мала сцена од Загреб Р. Хрватска и се разбира театарот домаќин Детскиот театар Петар Стојковски-Бабец од Битола Р. Македонија. На фестивалот беа одржани и две театарски работилници под наслов КУКЛИ..ТЕАТАР..ДЕЦА… ,презентер на работилниците беше магистерот режисер за куклен театар Дарко Ковачовски. Првиот фестивалски ден започна со свеченото отворање на фестивалот во големата сала на Центарот за култура во Битола, како водители се појавија двата омилени лика на детската публика во Битола ЗОКИ ПОКИ и неговото МЕЧЕ. По поздравниот говор Управниот одбор на Детскиот театар Петар Стојковски Бабец им подари Филигран изработен од срма во знак на благодарност за посветената работа при реализацијата на детските претстави и воедно им го честита јубилејот на актерката Валентина Грамосли за нејзината дваесетгодишна активна работа во театар и на актерката Јулијана Мирчевска за десетгодишната работа на театарската сцена.За успешно реализираните проекти во сезоната 2010/11 им додели ПЛАКЕТА во знак на благодарност за нивната поддршка и активност во Детскиот театар на г-динот Владимир Талески, г-динот Миодраг Неќак и г-динот Спиро Мавровски, во името на Детскиот театар плакетите ги додели претседателот на Управниот одбор Васко Мавровски.Фестивалот со пригоден говор за отворен го прогласи селекторот Благој Мицевски.По официјалниот дел пред преполната сала во која имаше над 700 деца на нивно огромно задоволство се одигра претставата Црвенкапа од Шарл Перо во продукција на Детскиот театар Петар Стојковски-Бабец,Вториот фестивалски ден започна со театарската работилница која се одржа во малата сала на Центарот за култура на истата присуствуваа околу 40 деца, темата на првата работилница беше запознавање со типовите на кукли и системите на работа со истите со посебен акцент на куклените претстави кои зедоа учество на фестивалот. На работилницата Дарко Ковачовски со помош на слики, кратки видео клипови и историски податоци за настанувањето на куклите на присутните им подари една добра основа за тоа што се куклите и колку видови на кукли има.Во продолжение во Народниот театар во Битола во салата наречена ПОД РОТАЦИЈА се одржа претставата Зелката од Ајше Селен во продукција на Тијатротем театар од Истанбул Р. Турција.Во преполната сала со капацитет од 140 седишта се најдоа деца и родители од најразлични возрасти, јазичната бариера не беше никаков проблем децата да уживаат во традиционалниот караѓоз турски театар и во прекрасната изведба на актерите од Тијатротем театар.За крај на вториот фестивалски ден беше во големата сала на Центарот за култура беше одиграна претставата Волшебната маса од Браќата Грим во продукција на Мини театар од Љубљана Р. Словенија.И овојпат салата беше исполнета до последното место,капацитетот беше 150 седишта, публиката уживаше во куклена претстава со кукли марионети со тврда водилка, која изобилуваше со хумор и одлична актерска игра а за задоволството да биде комплетно се потрудија актерите кои еден добар дел од текстот го изговорија на македонски јазик.Третиот и последен фестивалски ден започна со театарската работилница која и овој пат се одржа во малата сала на Центарот за култура,присуствуваа околу 20 деца и театарски работници, темата на оваа работилница беше запознавање со изработката и системите за работа со куклите марионети, на овој начин Дарко Ковачовски ја запозна битолската јавност со куклите со кои тој се занимава во својата кариера но ги запозна и со навата претстава која што тој ќе ја работи во Детскиот театар во Битола , Мачорот в чизми.Следно на програмата на фестивалот беше куклената претстава Убавицата и ѕверот од Мадам де Вилњов во продукција на Шило театар од Софија Р. Бугарија.Претставата се одигра во преполната мала сала на Центарот за култура со капацитет од 120 седишта, публиката имаше можност да види една прекрасна интерактивна детска куклена претстава направена со естрадни кукли, одличната игра и љубовта кон децата од страна на актерите публиката знаеше да ги оцени и да ги награди со огромен аплауз.За крај на првото фестивалско издание на БИТОЛИНО 2011 во исполнетата голема сала на Центарот за култура со капацитет од 150 седишта се претстави и најдобриот и највлијателен детски театар во Европа Мала сцена од Загреб Р. Хрватска, тие одиграа претстава наменета за деца над 7 годишна возраст со наслов Камења од Том Лукос и Стефо Нантсој.Претставата посветена на деликвенцијата и животот на младите и запоставени деца не ја остави рамнодушна ни битолската публика, емоциите кај гледачите беа различни но сите се согласија со едно дека ваквите претстави се вистинскиот пат кон будењето на свеста кај децата но пред се кај родителите.Првиот интернационален детски театарски фестивал БИТОЛИНО 2011 год ќе остане во историјата како настан кој предизвика ренесанса во детскиот театар во Македонија, неговата успешна реализација но и огромниот интерес од страна на публиката и огромната посетеност на претставите се само добра основа за уште подобро и помасовно второ издание на БИТОЛИНО 2012.

 

Второ издание на ИДТФ „Битолино“
буџет: 685.000 ден.
одиграни претстави: 8
посетеност: 1500 гледачи

Од 05.08 до 07.08.2012 год во Битола во склоп на Битолското културно лето БИТФЕСТ 2012, а во организација на Здружението за култура и уметност „Детски театар“ од Битола се одржа, второто издание на првиот од ваков вид во Република Македонија, Интернационален детски театарски фестивал БИТОЛИНО 2012. 2 ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ДЕТСКИ ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ БИТОЛИНО 2012 е реализиран со поддршка на Општина Битола, Битфест 2012 и Министерството за култура на РМ и спонзорите на Детскиот театар : МЕПСО АД Скопје, Градежно претпријатие ПЕЛИСТЕР Битола, КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА АД Скопје, Прехрамбена индустрија ВИТАМИНКА Прилеп, ПЕЛИСТЕРКА, Градежно претпријатие ГРАНИТ, ЕВН МАКЕДОНИЈА, ЈП Македонски шуми, СОЛИНА Солена соба Битола и Синдикална организација АД ЕЛЕМ Подружница РЕК Битола. Медиумските покровители: ТВ Тера, ТВ Орбис и весникот Јавност. Фестивалот беше поддржан и од следните културни установи од Македонија и светот Театарска младина на Македонија, Светската асоцијација на детски театри АСИТЕЖ, Центарот за детски театри од средна и југоисточна ЕВРОПА – ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР, Н.У. Центар за култура Битола, Н.У. Народен театар Битола.На фестивалот зедоа учество осум професионални детски театри: НУ Антон Пановод Струмица Р. Македонија, Тијатротем од Истанбул Р. Турција, Драмско-куклен театар од Враца Р. Бугарија, Мала сцена од Загреб Р. Хрватска, Пан театар од Лугано Швајцарија, Детски театар на портите на Нарва од Санкт Петерсбург Русија, Театар Раскажувач, Западен Јоркшир Англија и Додона театар Приштина Косово. Беше доделена и награда за Најдобра претстава во целина „Петар Стојковски – Бабец“ за претставата „Не можеме да останеме на ова“ во продукција на Тијатротем од Истанбул Р. Турција, наградата ја додели тричлено интернационално жири во состав: Нада Кокотовиќ – претседател студирала филозофија, театарска и филмска режија на Академијата во Загреб. По завршувањето на кариерата како танчерка, работи како кореографка и режисерка на целата територија на бивша Југославија и го основа театарското движење КПГТ. Последните дваесет години живее и работи во Германија. Освен што режира во државните театри ширум Германија, со Неџо Осман, актер и режисер, го раководи театарот ТКО ( Театар Кокотовиќ/Осман) во Келн.Петар Мирчевски – член студирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје,вработен е во Народниот театар во Битола, тој е еден од најангажираните и најекспонирани актери, не само во битолскиот драмски ансамбл, туку и пошироко во Македонија. Добитник е на голем број признанија како што се:„4 Ноември“, „Млад борец“, „Војдан Чернодрински“ (трипати), Екрановата награда, „Златна маска“ на Охридско лето и наградата за животно дело „Петре Прличко“, Анета Блажевска – член родена е во Битола 1973 година, дипломирала на државниот универзитет во Скопје на отсек интер-дисциплинарни студии по новинарство, во моментот е вработена како новинар-водител.За време на Фестивалот беа одржани две прес конференции посветени на фестивалот и презентација на програмата пред новинарите. Секоја вечер беа организирани свечени коктели кои овозможија дружење и размена на искуства помеѓу учесниците на фестивалот. Влезот за претставите беше слободен а посетеноста на фестивалот ја надмина бројката од 2000 деца.Првиот фестивалски ден започна со свеченото отворање на фестивалот во салата на Народниот театар во Битола, фестивалот со пригоден говор за отворен го прогласи уметничкиот директор на ЗКУ „Детски театар“ Битола Јулијана Мирчевска.По официјалниот дел на огромно задоволство на децата се одиграа три претстави, класична детска интерактивна претстава посветена на секојдневните проблеми на децата, класичен караѓоз театар (театар на сенки) и куклена претстава и тоа:МАЛА СЦЕНА , ЗАГРЕБ , ХРВАТСКА,Розевиот соновник и ТИЈАТРОТЕМ ТЕАТАР , ИСТАНБУЛ , ТУРЦИЈА, Неможеме да останеме на ова, ТЕАТАР АНТОН ПАНОВ , СТРУМИЦА , МАКЕДОНИЈА, Јованче и Марика.Вториот фестивалски ден понуди уште еден незаборавен и возбудлив театарски ден исполнет со многу квалитетни театарски претстави и дружење на децата со своите омилени ликови од бајките. Вториот ден децата имаа можност да гледаат куклена претстава, претстава без зборови наменета за деца до 3 години и за прв пат во Македонија новиот стил кој се наметнува во детските претстави – кловнијада. Претставите се одиграа во следниот редослед: ДРАМСКО-КУКЛЕН ТЕАТАР , ВРАЦА , БУГАРИЈА, Малата вештерка, ТЕАТАР ПАН , ЛУГАНО , ШВАЈЦАРИЈА, Тик и Так, ДЕТСКИ ТЕАТАР НА ПОРТАТА НА НАРВА , САНКТ ПЕТЕРСБУРГ , РУСИЈА, Пепелашка.Третиот и последен фестивалски ден на публиката им понуди две театарски претстави, класична детска претстава на пинцип интерактивно раскажување на бајка и детска претстава со естрадни кукли. ТЕАТАР РАСКАЖУВАЧ , ЗАПАДЕН ЈОРКШИР , АНГЛИЈА, Снежната кралица, ДОДОНА ТЕАТАР , ПРИШТИНА , КОСОВО, Том и Џери.За крај на второто фестивалско издание на БИТОЛИНО 2012 а по повод вториот роденден на ЗКУ „Детски театар“ се одржа голема роденденска забава на која присуствуваа повеќе од 200 деца. Второто издание на интернационалниот детски театарски фестивал БИТОЛИНО 2012 ќе остане во историјата како настан кој предизвика ренесанса во детскиот театар во Македонија, неговата успешна реализација но и огромниот интерес од страна на публиката и огромната посетеност на претставите се само добра основа за уште подобро и помасовно трето издание на Фестивалот кое повторно е поддржано од Општина Битола, Министерство за култура на РМ и Министерство за култура на Шпанија – отсек за промоција на шпанската култура низ светот.


Трето издание на ИДТФ „Битолино“
буџет: 1.290.000 ден.
одиграни претстави: 8
посетеност: 1100 гледачи

Од 05.08.2013 до 07.08.2013 година во Битола во склоп на БИТФЕСТ 2013 се одржа третото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Фестивалот беше во организација на „Бабец театар“ од Битола а финансиски е поддржан од Министерството за култура на РМ, Општина Битола и нашите спонзори и покровители: АД Мепсо, ГП Гранит,Ватростална Скопје, БИ МИЛК, Транскоп, Комерцијална банка и Солената соба „Солина“ од Битола. Медиумски покровители на Фестивалот се ТВ Тера,ТВ Орбис и весникот Јавност. Логистичка поддршка за фестивалот и оваа година добивме од НУ Центар за култура Битола, Светската асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР. Оваа година за прв пат ИДТФ „Битолино“ беше финансиски поддржан и од една европска асоцијација за култура AC/E која функционира со помош на европските фондови и Министерството за култура на Шпанија.На фестивалот настапија девет театри од Косово, Бугарија, Македонија, Русија, Турција, Чиле ,Аргентина, Хрватска и Босна и Херцеговина. Најголемата новина поврза со третото издание на „Битолино“ е тоа што фестивалот продуцираше детска театарска претстава, односно копродукцискиот проект на „Бабец театар“ од Битола и Детски државен „Театар на портите на Нарва“ од Санкт Петерсбург, Русија. Премиерата се случи на свеченото отварање на Фестивалот на 05.08.2013 во 20:30 часот на „Нова сцена“ во НУ Центар за култура Битола, се работеше за претставата „Кантервилскиот дух“ работена според истоимената новела на Оскар Вајлд а е во режија на познатата руска режисерка Валентина Лутц. Претставата носи една сосема нова и за нас сеуште непозната естетика, играа шест актери,по три од секој театар, и целата приказна ни ја раскажуваа низ призмата на црно белото кино, без зборови. Покрај финансиската поддршка од страна на фестивалот претставата е финансирана и од Министерството за култура на Русија и од администрацијата на реонот Кировски во Санкт Петерсбург.За својот избор, за осумте селектирани претстави, програмскиот директор Јулијана Мирчевска ќе рече: ..„ Како што гасеницата се претвора во прекрасна пеперуга, игрива, грациозна со вашето присуство на Битолино обичното секојдневие ќе го претворите во три прекрасни театарски денови, со претстави кои ќе ги исполнат детските срца со среќа. На нашата публика, нашите мали битолини им препорачувам само да дојдат…… зашто се погриживме да ги одбереме најдобрите претстави, со прекрасни актери, од најразлични земји но разбирливи за сите, зашто зборуваат со јазикот на театарот. БИТОЛИНО зашто детската срека и насмевка е најважна од се!!!!“Првиот фестивалски ден започна со куклената детска претстава на „ДОДОНА ТЕАТАР“ , ПРИШТИНА , КОСОВО, „Кучето што не знаеше како да лае“ во режија на Мелихате Куена. Претставата беше интерактивна куклена претстава со допадлива и интересна приказна и лесно приемлива за децата, се занимаваше со една обична но сепак магична приказна за едно кученце, „ДОДОНА ТЕАТАР“ по втор пат се претстави пред битолската публика и беа пријатно изненадување за децата. Втората претстава беше во продукција на „АРИЕЛ“ ТЕАТАР , СОФИЈА , БУГАРИЈА една неверојатна и крајно возбудлива куклена претстава работена според познатата приказна на Браќата Грим „Трите прасиња“ а во режија на Михаела Тјулева. Претставата изобилуваше со прекрасно изработени кукли и одлична игра на професионални куклена актери. Вечерниот термин беше наменет за премиерната изведба на претставата „Кантервилскиот дух“, работена според новелата на Оскар Вајлд а во продукција на ИДТФ „БИТОЛИНО“,”БАБЕЦ ТЕАТАР”, БИТОЛА, МАКЕДОНИЈА и “ДЕТСКИ ТЕАТАР НА ПОРТИТЕ НА НАРВА”, САНКТ ПЕТЕРСБУРГ, РУСИЈА. Овој мултимедијален проект се темели на добриот микс помеѓу многуте видео проекции и филмувани сцени, физички театар и театар на сенки, изобилуваше со многу магични сценски изненадувања и одлична актерска игра на шестмината актери кои иако од различни земји и култури одлично функционираа на сцената. Режисер на проектот беше Валентина Лутц.Вториот фестивалски ден започна со една интересна претстава на „БЕРЕЗЕ“ ТЕАТАР , ИСТАНБУЛ , ТУРЦИЈА, претстава без зборови, исполнета со кореографски точки и една многу убава лирична приказна за двајца уметници,сликар и музичарка, кои на почетокот борејќи се за сноп светлина и топлина во еден зимски ден, завршуваат во топла прегратка. Втората претстава беше производ на уметникот Давид Зуазола сопственик на „ДАВИД ЗУАЗОЛА КУКЛЕНА КОМПАНИЈА”, САНТЈАГО, ЧИЛЕ. Ова уметничко дело наменето за најмладите досега добило признание на фестивалите во Варшава,Полска и Подгорица, Црна Гора а го виделе во повеќе од 15 земји. Целата претстава беше изработена со елементи земени од отпад, „Валкано крило“ е претстава која имаше многу чудна естетика, но е една од оние детски претстави кои ги сакаат и возрасните, бидејќи пред нив оживуваат предмети кои се многу живи и интересни и многу лесно ве вовлекуваат во приказната. Третата детска театарска претстава овој фестивалски ден беше во продукција на „АРТРОПОС” театар , ТРЕЛЕВ, AРГЕНТИНА, се работи за една многу допадлива, лесна, детски наивна романтична претстава за љубовта, згодите и незгодите на двајца соседи, „ОДЕДНАШ!“ е претстава која изобилуваше со физички театар и многу комични моменти. „АРТРОПОС” е независна театарска компанија која за прв настапува во Европа, а после настапот на „Битолино“ ја започнаа својата двомесечна турнеја низ повеќе европски метрополи.Третиот и последен фестивалски ден започна со претстава на нашите стари пријатели од МАЛА СЦЕНА , ЗАГРЕБ , ХРВАТСКА еден од најдобрите и најнаградувани европски театри. Претставата испрати една недвосмислена порака дека треба да ги прифаќаме сите различни луѓе онакви какви што се. Приказната за девојчето Иглица која е различна од другите деца е претстава која изобилуваше со пораки кои треба да допрат до дечињата, исполнета со одлична актерска игра и многу циркуски елементи. Претставата е во режија на Ивица Шимич еден од најбараните режисери во Европа и светот. Последната претстава на третото издание на „Битолино“ ја одигра “МЛАДИНСКИ ТЕАТАР”, САРАЕВО, БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА, прекрасна детска куклена претстава „Приказна за Малиот Мук“ која се карактеризира со висока театарска естетика, одлични костими и волшебна сценографија, куклите марионети ги водат пет одлично обучени актери а главниот лик Марио Дрмач веќе и освои награда за најдобар актер на 11 интернационален фестивал „Позориште Ѕвездариште“ во Србија. Одлична претстава која никого не остави рамнодушен.И оваа година претставите на ИДТФ „Битолино“ ќе се бореа за наградата „Најдобра претстава во целина“ која оваа година му припадна на „ДАВИД ЗУАЗОЛА КУКЛЕНА КОМПАНИЈА”, САНТЈАГО, ЧИЛЕ, а ја додели тричлено интернационално жири во состав:Претседател Сунчица Уневска работи како новинар и филмски критичар во дневниот весник “Утрински весник” од 1999 година. Во текот на последните дванаесет години таа работеше како редовен дописник за филмски фестивали низ целиот свет. Таа е претставник на Македонија во Здружението на филмски критичари на Меѓународниот федерација “Фипресци”. Била член на жири на повеќе филмски фестивали. Таа има направено бројни интервјуа со многу познати меѓународни и домашни филмски автори.Таа во моментов е селектор на програмата „Нови визии“ на Интернационалниот фестивал на филмска камера “Браќа Манаки” во Битола, Македонија и прес-координатор на Фестивалот “Астерфест” во Струмица, Македонија.Сеншувар Акташ, роден е во 1964 во Анкара, ТурцијаДипломирал на Анкарскиот универзитет, Факултет за јазици и социјални науки, отсек – драма,во 1989 година магистрира на тема „Француската секуларна драма во средниот век “за подоцна во 1997 година да се стекне со титула доктор.Од 1989 до 1991 работи како професор на Универзитетот Анадолија, Државниот конзерваториум, отсек – драма.Во 2000 година заедно со Ајше Селен ја основаат театарската компанија „Тијатротем“ во Истанбул, компанијакоја се занимава со традиционален турски театар попознат како „караѓоз“.Одиграл повеке од 40 улоги во театар и на филм, последните 15 години активно се занимава и со режија на театарски претстави.Јасмина Василева родена е 1981 година во Битола, Македонија. Дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје – Факултет за драмски уметности. Во 2010 год запишува Магистерски студии на Македонскиот институт за литература. Вработена е во Народниот театар во Куманово, а како гостин актер настапувала на повеќе сцени низ Македонија. Одиграла повеќе од 40 улоги во театар и на филм, добитничка е на наградата за најдобар млад актер на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.Оваа година тимот кој неуморно цела година работеше на подготовките за реализација на фестивалот исполни еден крајно разигран БИТОЛИНО, распеан БИТОЛИНО и богат со одлични претстави, еден грациозен и прекрасен БИТОЛИНО, лесен и допадлив како летот на пеперутките. Сакајте го театарот.

 

Четврто издание на ИДТФ „Битолино“
буџет: 900.000 ден.
одиграни претстави: 7
посетеност: 1000 гледачи

Традиционално од 05.08.2014 до 07.08.2014 година во Битола во склоп на БИТФЕСТ 2014 се одржa четвртото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Фестивалот беше во организација на „Бабец театар“ од Битола а финансиски го поддржаа Министерството за култура на РМ, Општина Битола и нашите спонзори и покровители: АД Мепсо, ГП Гранит, Трансмет ДОО Скопје, АД ЕЛЕМ Скопје, Транскоп, Комерцијална банка и Солената соба „Солина“ од Битола. Медиумски покровители на Фестивалот беа ТВ Тера,ТВ Орбис и весникот Јавност. Логистичка поддршка за фестивалот и оваа година добивме од НУ Центар за култура Битола, Светската асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР. Оваа година на фестивалот настапија пет театри од Србија, Израел, Романија, Хрватска и Италија.Оваа година „Бабец театар“ комплетно се посвети на реализацијата на проектот Театарска Школа Бабец која официјално започна со работа во месец април и брои околу 40 членови, деца на возраст од 6 до 12 години. Децата во школата работат под менторство на актерката Јулијана Мирчевска. Првата презентација на она што младите актери и актерки го работат во театарската школа се случи на 05 јули во просториите на Центарот за мали и возрасни Мали генијалци во Битола.Првиот фестивалски ден започна односно честа свечено да го отворат четвртото издание на ИДТФ Битолино им припадне токму на децата од Театарската школа Бабец со краткиот перформанс со наслов „Сакам да сонувам“… Нашата приказна, желба, мечта , сон, љубов кон театарот беа пренесени низ играта на 18 деца од сите возрасти. Тие ни порачаат дека сакаат простор да сонуваат и дека вистински и со чисто срце го сакаат театарот.Првата претстава во официјална конкуренција беше во продукција на „Детски културен центар“, Белград , Србија, една неверојатна и крајно возбудлива претстава работена според познатата приказна на Луис Карол „Алиса во земјата на чудата“ а во режија на Ања Суша. Претставата ни презентира еден нов прочит на ова познато дело и изобилуваше со многу прекрасно изработени театарски ситуации оддиграни од двајца одлични актери. Претставата ја има освоено првата награда на фестивалот Арт ТРЕМА во Рума, Србија.Вториот фестивалски ден започна со една прекрасна куклена претстава на „Театар Клуч“, Тел Авив , Израел, претстава без зборови, за едно момче и дрво, за децата и возрасните, за зеленилото и бетонот и за една зелена пупка на надежта. Чувствителноста и душата која на куклите им ја дадоа двајцата актери на сцената допре до детските срца а тоа придонесе претставата да добие една софистицирана димензија за развивање на самосвеста. Претставата учествувала на фестивали во Унгарија, Сенегал и Јужна Кореја, добитник е на наградата за најдобар детски мјузикл за 2014, награда е доделена од националниот центар во Израел на Светската асоцијација на детски театри.Втората претстава беше производ на актерот и режисер за деца Ивица Шимич а во продукција на „Тандарика театар”, Букурешт, Романија. Ова е култно дело на Ивица Шимич кое е одиграно на сите светски фестивали, претставата е одиграна во Сиднеј, Вашингтон, Токио, Лондон итн. Падобранци или претставата за уметноста во паѓањето се занимаваше со гравитацијата како една од најзначајните сили во човековиот живот, актерите преку говорот на своите тела ни поставија прашања зошто некои луѓе се привлекуваат а други се одбиваат, односно ни го прикажаа нашиот живот преплетен со падови и успони во кој сите по малку сме падобранци. Одлична претстава исполнета со многу игра и забава за публиката.Третиот и последен фестивалски ден започна со претстава на нашите стари пријатели од Мала Сцена , Загреб , Хрватска еден од најдобрите и најнаградувани европски театри. Претставата во која публиката уживање е работена според текстот на јапонскиот драматург Асаја Фуџита, актерите на еден магичен начин ни ја раскажуваа приказната за љубовта помеѓу чудовиште и една слепа девојка. За оваа претстава да биде уште поспецифична придонесе и учеството на професионалната слепа актерка Дајана Биондич која ја толкуваше улогата на слепата девојка, со овој потег Мала Сцена уште еднаш многу храбро ги скрши предрасудите и стереотипите кога се работи за продукција на детски претстави. Последната претстава на четвртото издание на „Битолино“ ја одигра “Театар Сенка”, Марцало, Италија, прекрасна детска претстава за малото слонче Елмер кој се бори да ја ослободи Саваната од луѓето и нивното ѓубре, со одлична актерска игра и многуте визуелни ефекти и креативни решенија, оваа претстава ни понуди одлична забава за најмладите и ни испрати многу силна порака – да ја чуваме и сакаме планетата земја. Одлична претстава која никого не остави рамнодушен.Оваа година наградата „Најдобра претстава во целина“ ја освои претставата :„Смешно чудовиште“ на МАЛА СЦЕНА , ЗАГРЕБ , ХРВАТСКА, во режија: Ана Пролич.Наградата ја додели тричлено интернационално жири во состав:Претседател Валдет Рама – актер и режисер, вработен во Додона театар – Приштина, Косово и членови Борис Чоревски – доајен на Народниот театар од Битола и Бојана Артиновска – Трпческа – ликовен уметник.Влезот за сите претстави беше слободен.

 

Петто издание на ИДТФ „Битолино“
буџет: 1.000.000 ден.
одиграни претстави: 7
посетеност: 1000 гледачи

Традиционално од 05.08.2015 до 07.08.2015 година во Битола во склоп на БИТФЕСТ 2015 се одржa петтото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Фестивалот беше во организација на „Бабец театар“ од Битола а финансиски го поддржаа Министерството за култура на РМ, Општина Битола, Американската амбасада и Австриската амбасада во Скопје и нашите спонзори и покровители: АД Мепсо, Витаминка, Транскоп, Комерцијална банка и Суна од Битола. Медиумски покровители на Фестивалот се ТВ Тера и ТВ Мега. Логистичка поддршка за фестивалот и оваа година добивме од НУ Центар за култура Битола, Светската асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР. Оваа година на фестивалот настапија шест театри од Шведска, Израел, Австрија, Хрватска, САД и Франција. Првиот фестивалски ден започна со претставата која беше во официјална конкуренција во продукција на нашите стари пријатели и минатогодишни победници театарот „Мала сцена“ од Загреб, Хрватска, со наслов „Не, не ти! Или за разликите“ во режија на Нора Крстулович. Како и секоја година така и оваа Мала сцена настапија со претстава која носи многу голема порака и е посветена на проблемите со кои одредени деца се среќаваат, досега во нивна продукција имавме можност да гледаме претстава посветена на малолетничката деликвенција, за децата со посебни потреби а минатата година на сцената во Битола за прв пат настапија со претстава во која главната улога ја толкуваше слепа актерка а оваа година се занимаваа со проблемот на децата со епилепсија, односно за разликите помеѓу децата, игрите, луѓето, зошто некои деца смеат и можат се, а некои не, всушност ова не беше приказна со почеток и крај, ова беше една игра, театарска игра во која се прашувавме: Зошто ти неможеш? Но не го прифаќаме одговорот: Ете така НЕ! А баравме објаснување за него. Претставата беше наменета за деца поголеми од 7 години. (посетеност 130).Пред почетокот на втората претстава честа свечено да го отворат петтото издание на ИДТФ Битолино им припадна на децата од Театарската школа Бабец со краткиот перформанс создаден по идеа и текст на Јулијана Мирчевска со наслов „Тажната Нула“… Мојата приказна, вашата приказна,кои сме ние и зошто не секогаш сме таму каде што ни е местото но и фактот дека без ниту еден од нас целта не може да биде постигната, оваа приказна беше пренесена низ играта на 15 деца од сите возрасти. Тие низ комични и лирични моменти ни покажаа дека иако малечки се свесни за светот во кој живееме и дека почитта едни меѓу други не прави само посилни а со тоа и помоќни да создаваме подобар свет.Првиот фестивалски ден продолжи со претстава во продукција на театарот од Лунд, Шведска SAGOHUSET кој во превод значи„ Дом на Бајките“, со наслов „Звучи – Зун Зун! Театарот е формиран во 1987 година и тематски е посветен на Конвенцијата на Обединетите Нации за правото на секое дете да биде вклучено во културни настани, со други зборови претставите на овој театар се гласот на безгласните на оние кои во реалниот живот не се главни јунаци, на обесправените, на оние кои никогаш не добиле вистинска шанса. Овој театар секоја година има повеќе од 400 изведби на свои претстави во јужниот дел на Шведска и насекаде низ светот. Претставата „Звучи – Зун Зун! заедно со децата ја истражуваше музиката, животот, движењата, емоциите, тишината, мирот… Еден актер, музичарка и танчерка не водеа низ нивниот свет наречен Зун Зун и беа инспирација за родителите и стручните лица за тоа како треба да се работи со мали деца. (посетеност 220)Вториот фестивалски ден започна со една прекрасна комична претстава на „Рути Тамир театарската компанија“, Модин , Израел, претстава во која четири приказни се заробени во една бајка, една виртуозна комична креација за осум животни и една кралица, претстава која создаде еден магичен свет во кој на еден пластичен и лесен начин со многу специфични движења една актерка ни претстави четири приказни кои никој не го оставија рамнодушен. Рути Тамир дипломирала класичен и модерен балет во Израел а своето образование го продолжила на универзитетите во Флорида и Охајо на секторите за актерска игра и пантомима, има работено во многу држави низ светот и е добитник на наградата за најдобра актерка во Израел во 2013 година. „Четири басни и Кралицата“ е една возбудлива претстава која остави длабок печат кај сите деца присутни во салата. (посетеност 120).Втората претстава беше производ на театарската компанија „Син пламен“ од Грац, Австрија, театар кој во фокусот на своите претстави го има поставено човекот, неговите проблеми, прашања, страсти и нескротливата глад за живот, секогаш критички настроени кон општеството експириментираат и откриваат нови слоеви на функционирање на човечкото битие. „Гласно и тивко“ е претстава посветена на едно патување и авантура на два сосема спротиставени ликови и карактери, низ игрите и лудориите на двата актери и одличната идеа за создавање на сценографија во форма на триаголник која беспрекорно функционираше од самиот почеток до крајот сите ние станавме дел од еден нов свет во кој уште еднаш заклучивме дека токму различностите меѓу нас го прават светот поинтересен и исполнет со многу бои. Претставата беше наменета за деца поголеми од 5 години. (посетеност 180).Третиот и последен фестивалски ден започна со претстава во продукција на „Маска“ театар од Соединетите Американски Држави, претставата со наслов „Овоштарникот со праски“ беше всушност колаж од петнаесетина различни театарски ситуации, петнаесетина различни маски и карактери кои Лери Хант на еден магичен начин ги создаде и оживеа пред самата публика. Лери Хант е автор, режисер и изведувач на куклени претстави за деца и возрасни, повеќе од 30 години работи и создава маски и нови театарски карактери, работел и обучувал актери низ целиот свет, многупати е наградуван од сојузот на куклени актери во САД а освоил и многу награди на детските фестивали насекаде низ светот. Претставата беше наменета за деца поголеми од 5 години. (посетеност 120).Последната претстава за затворање на петтото издание на Битолино беше претставата „Кралицата Конг“ во продукција на денс компанијата „Ла Базока“ од Авр, Франција, оваа компанија е формирана во 2002 година и исклучиво се занимава со танцов театар.Оваа година за прв пат на Битолино се запознавме со еден нов театарски правец кореодрама наменета за деца. Во претставата играа три одлични танчерки кои не воведоа во светот на трите кралици кои танцуваат, скокаат, знаат да пеат, кои понекогаш го слушаат плачот на дрвата, но најважно од се знаат како и до крај се борат за својата слобода. Претставата беше наменета за деца постари од 6 години. (посетеност 200).На Битолино оваа година се одржаа и две театарски работилници, првата се одржа на 06.08 во Американското катче во Битола и беше наменета за изработка на маски. Со работилницата раководеше гостинот од Америка Лери Хант а на работилницата присуствуваа четириесет деца на возраст од 6 до 12 години, како и лица кои работат со деца, наставници, воспитувачи, и секако родители. Втората работилница се одржа наредниот ден на Нова сцена во НУ Центар за култура Битола и беше посветена на важноста на театарското осветлување во детските претстави со оваа работилница раководеше Џонатан Крнс и на истата присуствуваа дваесетина тетарски работници од градот.Оваа година наградата „Најдобра претстава во целина“ ја освои претставата:„Четири басни и Кралицата“ во продукција на „Рути Тамир театарската компанија“ од Модин , Израел. Наградата ја додели тричлено интернационално жири во состав:Валентина Луц – режисер и директор на Детскиот државен театар на Портите на Нарва од Санкт Петерсбург од Русија, Соња Михајлова – актерка од Народниот театар од Битола ,Јован Ристовски – режисер во Народниот театар од Битола.

 

Шесто издание на ИДТФ „Битолино“
буџет: 640.000 ден.
одиграни претстави: 7
посетеност: 1050 гледачи

Од 05.08.2016 до 07.08.2016 година во Битола се одржа шестото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Фестивалот беше во организација на „Бабец театар“ од Битола а финансиски беше поддржан од Министерството за култура на РМ и нашите спонзори и покровители: АД Мепсо, ЕЛЕМ, ЕВН, ЕДС, Јавните претпријатија Стрежево, Водовод, Комуналец и Нискоградба , Транскоп, Комерцијална банка, ФОД, Бовин, Везешари, Повардарие, Пелистерка и Суна. Медиумски покровители на Фестивалот се ТВ Тера, ТВ Орбис и ТВ Мега. Логистичка поддршка за фестивалот и оваа година добивме од НУ Центар за култура Битола, Н.У. Народен театар Битола, Светската асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР. Оваа година на фестивалот настапија пет театри од Белгија, Албанија, Русија, Ерменија и Франција. „Бабец театар“ и покрај финансиската криза продолжи да создава театарски претстави кои пред се се’ достојни за презентација пред нашата публика, претстави кои допираат до секое дете и претстави кои засекогаш остануваат во сеќавањата на децата. Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот пред се нашите актери од Театарската школа Бабец и сите деца кои уживаат гледајќи ги нашите претстави. Брендот Бабец театар и Битолино веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и правиме се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата. Токму затоа ова издание на ИДТФ Битолино носи една многу јасна и недвосмислена порака, порака која ќе биде мото на седмата сезона на „Бабец театар“ – Кога ќе пораснам сакам да бидам мало дете – започна и заврши токму со перформанси на децата од театарската школа Бабец. Честа свечено да го отворат шестото издание на ИДТФ Битолино им припадна на децата од Театарската школа Бабец со краткиот перформанс создаден по идеа и текст на Јулијана Мирчевска со наслов „Моето кралство“. -Секојдневно ме погодуваат настаните од нашата реалност, од овој свет кој стана премногу злобен за да можам да го сакам, одземени ми се мислите, во главата ми остануваат слики на скратени детства, и постојано ми се раѓаат прашања дали од секогаш човештвото било вакво. И токму затоа колку повеќе стареам, повеќе сакам да бидам дете, во душата, во срцето…. и затоа го создадов ,,Моето кралство,,. Претстава полна со забава, фантазија која се нарушува во оној момент кога едно дете ќе порасне и ќе почне да размислува како возрасен.Првиот фестивалски ден продолжи со нежната, поетска и екстремно комична претстава „Морскиот брег“ во продукција на театарската компанија „Мали задоволства“. Во оваа претстава настапи исклучително талентираната актерка Жералдин Карпентиер која дипломирала на Сорбона во Парис а се дообучила на факултетите за театарска уметност во Шанбери и Брисел. Морскиот брег е претстава во која живее еден смешен лик, има стара француска кола и риба, претстава без текст во која проблемите се решаваат со визуелен и физички пристап. Претставата ни раскажа за можноста секој од нас да се промени, таа зборуваше за индивидуалната слобода и за корисните луѓе кои ги среќаваме на патот и кои ни помагаат да се промениме, таа е метафора за едно изминато време со многу средби и разделби, едно патување во кое човечкото суштество созрева, патување кое ја симболизира слободата на движење, едно шарено и лудо патување кое сите нас не потсети на животот.Претставата е одиграна повеќе од 250 пати и освоила две награди на детските фестивали во Белгија.Вториот фестивалски ден започна со една прекрасна куклена претстава работена според светски познатата приказна за Алибаба и 40те разбојници во продукција на театарот кој работи во склоп на Центарот за општествена одговорност и грижа за децата од Тирана, Албанија. Овој театар досега продуцирал повеќе од 20тина детски претстави, учествувал на многу фестивали и освоил голем број на признанија. Оваа претстава не воведе во светот на едно момче кое успева да им го одземе богатството на разбојниците и да усреќи многу луѓе околу себе, доброто го победува лошото и го слави животот. Одлично изработените кукли и костимите на актерите само придонесоа за што по вистинско доживување и уживање на децата додека заедно со Алибаба се бореа со разбојниците и на крајот секако триумфираа. Публиката погледна една одлична куклена претстава наменета за целото семејство. Втората претстава во овој фестивалски ден беше уште едно епохално дело од светската детска литература Малиот принц во продукција на Државниот детски театар од Санкт Петерсбург Театар на портите на Нарва а во режија на Јана Тумина. Во претставата играа четворица талентирани актери предводени од почесниот актер на Руската Федерација Александар Болдинов. Претставата учествувала на повеќе фестивали и е добитник на награда за импресивна визуелизација, што беше доказ дека публиката имаше можност да гледа една моќна и технички одлично реализирана претстава. Вечната тема на борба помеѓу светот на возрасните и децата и овој пат беше на прво место, во оваа претстава режисерот ни остави простор гледајќи ја претставата да се погледнеме самите себе како во огледало и да се поистоветиме со еден од многуте ликови кои се појавуваат на сцената поткрепени со многу визуелни трикови. Оваа претстава никого не остави рамнодушен бидејќи магичното беше реално во истовреме исто како во детството.Третиот и последен фестивалски ден започна со куклена претстава во продукција на Мимос марионетниот театар од Ереван, Ерменија, претставата со наслов „Приказна за Волкот“ беше всушност колаж од сите познати бајки на браќата Грим во кој волкот е главниот негативец. Оваа претстава е едно ново видување на класичните бајки исполнета со многу хумор кој беше интересен за децата но и за сите во семејството. Во претставата настапија четири професионални куклени актери кои работаат со најтешкиот тип на кукли за манипулација во куклениот театар – куклите марионети. Мимос театарот е независна компанија која има изработено многу куклени претстави кои во изминатите години ги презентирале на многу светски фестивали и освоиле многу признанија. Децата имаа ретка можност да гледаат претстава во која марионетите ги оживуваат и раководат вистински мајстори на куклениот театар. Последната претстава во конкуренција за награда на шестото издание на Битолино беше претставата „Танцот Шума“ во продукција на денс компанијата „ Compagnie alleRetour “ од Кан, Франција, оваа компанија е формирана во 1991 година и исклучиво се занимава јазикот на телото,со силата на секое движење, префинетата визија која не е ништо друго туку поезија на движењето. Овој танцов театар во својата приказна за шумата се занимаваше преку јазикот на телото со различните стравови кои секој од нас ги има уште од најрана возраст, Танцот Шума ни го прикажа замислениот свет на едно малечко девојче, нешто помеѓу сонот и реалноста. Претставата беше наменета за деца поголеми од 7 години. Оваа година за втор пат на Битолино имавме можност да проследиме еден нов театарски правец кореодрама наменета за деца.Свеченото затворање на шестото издание на ИДТФ Битолино им припадна на децата од Театарската школа Бабец со перформансот „Дојдовме“… На Битолино оваа година се одржа една театарска работилница на 06.08 (сабота) во 11 часот на Нова сцена во НУ Центар за култура Битола и беше посветена на невербалниот начин на решавање на сцени во детските претстави со наслов Невербалната комуникација во театарот со оваа работилница раководеше магистрантот на отсекот за Откривање и работа со надарени и талентирани деца и дипл. актер Јулијана Мирчевска.И оваа година претставите на ИДТФ „Битолино“ се бореа за наградата „Најдобра претстава во целина“ која оваа година им припадна на State Drama theatre for children “Theatre at Narva Gates” , Санкт Петерсбург, РУСИЈА „Малиот принц“ во режија на Јана Тумина а ја додели тричленото интернационално жири во состав: Валентина Грамосли – актерка од Народниот театар во Битола,Јавор Зехиров – магистер за куклен театар од Софија, Бугарија,Никола Пројчевски – актер од Народниот театар од Битола.

 

Седмо издание на ИДТФ „Битолино“
буџет: 415.000 ден.
одиграни претстави: 5
посетеност: 1200 гледачи

Од 07.08.2017 до 09.08.2017 година во Битола се одржа седмото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Фестивалот беше во организација на „Бабец театар“ од Битола а финансиски беше поддржан од Министерството за култура на РМ, Општина Битола и нашите спонзори и покровители:Јавното претпријатие Водовод, АД Транскоп Битола и Комерцијална банка. Медиумски покровители на Фестивалот се ТВ Тера, ТВ Орбис и ТВ Мега. Логистичка поддршка за фестивалот и оваа година добивме од НУ Центар за култура Битола, Н.У. Народен театар Битола, Светската асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР. Оваа година на фестивалот настапија три театарски школи од Македонија и Бугарија и два професионални театри од Македонија и Србија.
Фестивалот оваа година се одржа под мотото „…сонувај сон…свој сопствен сон…“ и од страна на програмскиот директор беше промовиран новиот концепт на фестивалот што значеше ставање акцент на работат со деца во театарските школи и нивното видување за театарот, запознавање со жанрот пантомима за деца и прослава на седмиот роденден на „Бабец театар“ со фестивалската премиера на претставата „Јованче и Марика“ во продукција на истиот.
Првиот фестивалски ден насловен како „Седми роденден – Бабец театар“ и свеченото отворање на фестивалот беше резервирано за фестивалската премиера на детската претстава „Јованче и Марика“ во продукција на театарот домаќин. Со оваа претстава на децата им понудивме една нова визуелизација на нивната добро позната бајка за прв пат запишана од браќата Грим, познатата приказна за двете деца кои таткото присилен од страна на неговата жена, односно маќеата, ги испраќа и ги остава во мрачната шума, поради финансиските проблеми и снаодливоста на двете деца но и нивната желба за промена на тешкото бреме кое без никаква вина мора да го носат на својот грб, за екипата на Бабец театар беше огромна инспирација за да направиме еден нов и современ прочит на оваа пред се хорор бајка во која внесовме многу свежина, комични наместо страшни ситуации и решенија, драматуршки заплети, многу танци и класична музика и едно ново визуелно решение на сценографијата и костимите поткрепени со многу магични визуелни ефекти кои придонесоа за едно незаборавно доживување на децата.
Целта на оваа претстава беше на децата да им покажеме дека со многу љубов и грижа еден кон друг стануваме многу посилни и дека секоја авантура не учи нешто ново но дека најважно од се е да научиме да го разликуваме злото од доброто.Салата со капацитет од 150 седишта беше исполнета до последното место. По завршувањето на претставата беше организирансвечен коктел на кој што беше промовирана првата авторска изложба на Ивона Кочов со наслов „Сакам да сонувам“. Главниот акцент на изложбата беше ставен на децата и нивните мечти и соништа, беа презентирани повеќе од 30 фотографии со исклучителни експресии на деца, случајни игри на сенки и фотографии од работниот процес на повеќе театарски претстави на театарската школа „Бабец“.
Вториот фестивалски ден насловен како „Важноста на театарот за децата“ започна со театарската работилница „Сценски движења“ на која модератор беше нашиот гостин од Србија Милан Пајиќ. Милан е еден од водечките актери во детските театри ширум Србија, моментално настапува во девет професионални детски театри и има одиграно над 250 улоги во детски претстави. Гостите на фестивалот и повеќе од 40 деца учесници на фестивалот имаа ретка можност да се запознаат со основите на сценските движења во театарот и за важноста на гестот и движењето при креирањето на еден драмски лик. Во продолжение на вториот фестивалски ден публиката имаше можност да погледне две театарски претстави на театарската школа од Бугарија „Маријан Бачев и Аркадија фјужн арт“ со наслов „Крушата Рагаца“ и театарската група од Македонија „Недопирливи“ кои специјално за ова издание на фестивалот ни го прикажаа премиерно нивниот сценско музички проект насловен како „Децата танцуваат“. На двете претстави присуствуваа повеќе од 250 гледачи кои со огромен аплауз и позитивни чуства ги поздравија и поддржаа младите актери кои на изненадување на сите со својата професионалност и посветеност уште еднаш не потсетија нас возрасните како се сака и негува театарската уметност.
Третиот и последенфестивалски ден насловен како „Гестот позборлест од зборот“ а посветен на жанрот пантомима за деца започна токму со театарската работилница „Пантомима за деца“ раководена од Кире Ѓорески еден од тројцата магистри за пантомима во Македонија кој своето образование го стекнал кај најдобриот пантомимичар на овие простори професорот Александар Илиев. Гостите на работилницата и учесниците за време на оваа работилница се запознаа со основите на овој магичен жанр во кој говорното дејствие е потполно исклучено и единствениот начин на актерот да комуницира со публиката и да ја раскаже својата приказна е преку гест и движења на неговото тело. Вториот настан овој ден беше театарската претстава „Фантазија и мимика“ на театарот „Нада“ од Рума, Србија. Претстава од жанрот пантомима која само ни ја покажа примената на вежбите и состојбите кои децата имаа можност да ги видат на работилницата преточени во театарската претстава. Една весела и одлично синхронизирана претстава на тројцата актери од Србија која никого во публиката не остави рамнодушен, во салата беа присутни повеќе од 100 деца. За финале на фестивалот беше одиграна претставата „Снежана и седумте џуџиња“ во продукција на театарската школа „Бабец“ која предизвика огромен интерес кај публиката која театарската сала со капаситет од 480 седишта ја исполни до последното место. Позитивната реакцијата на публиката и борбата за докажување на младите актери пред преполната сала се двете работи кои ја одбележаа оваа успешна изведба на омилената бајка на децата ширум светот.

 

Осмо издание на ИДТФ „Битолино“
буџет: 227.000 ден.
одиграни претстави: 5
посетеност: 1550 гледачи

Оваа година за прв пат во есенски термин од 01.10.2018 до 03.10.2018 година во Битола се одржа осмото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Фестивалот беше во организација на ЗКУ „Детски театар“ од Битола а финансиски поддржан од Министерството за култура на РМ. Оваа година фестивалот доби логистичка поддршка од Општина Битола, Светската асоцијација на детски театри АССИТЕЖ, НУ Центар за култура Битола, Н.У. Народен театар Битола и туристичката агенција С-травел од Битола. Фестивалот беше спонзориран од: Комерцијална банка, Сокотаб – Битола, јавното претпријатие Комуналец.Медиумски покровител на Фестивалот е ТВ Тера. Оваа година на фестивалот настапија четири театри од Македонија, Русија, Турција и Франција и театарската школа Бабец од Битола. За време на фестивалот беа одиграни пет претстави и имавме рекордна посетеност од 1550 гледачи. Во склоп на Битолино се одржа и една театарска работилница со наслов „Се што можеме“ со која раководеа нашите гости од Франција, композиторот Етиен Купен и кореографката и професионална танчерка Сара Крепин. Во трите фестивалски дена на публиката успеавме да им прикажеме 5 различни типови на театар, 5 драмски дела изведени во сосема различен сензитет и доживување на театарот, успеавме да понудиме програма за сите возрасти, да прикажаме две монодрами за деца, една танцова бајка и две класични детски театарски претстави. Децата имаа можност да погледнат претстави кои се изработени со најмодерна технологија во театарот, одлични драматизации на нивните бајки и можност да се запознаат со различни култури и традиции во однос на создавањето на театар наменет за деца. Оваа година на турското малцинство во Битола им овозможивме по подолго време да гледаат претстава на својот мајчин јазик и со организиран превоз ги доведовме сите турски паралелки од околината на Битола. Квалитетната програма и учеството на професионални театри на фестивалот резултираше со огромна посетеност и незаборавно доживување на децата во театарските сали.
За жал поради финансиски причини оваа година моравме да го откажеме учеството на The National Theatre of Monkey Country од Австрија и “El Mahrousa group“ од Гиза, Египет но и двата театри покажаа флексибилност и ветија учество на деветтото издание на фестивалот.
01.10.2018 (понеделник) , со почеток во 11:00 часот, (Н.У. Центар за култура)
„Театар Бабец“ , Битола , Македонија
„Приказна за тркалото“
режија: Јулијана Мирчевска
посетеност: 150 гледачи
Првиот фестивалски ден беше посветен на презентација на се она што во изминатата година успеа да го реализира ЗКУ„Детски театар“ (Бабец театар) и на наше големо задоволство настапивме со првата македонска монодрама за деца „Приказна за тркалото“, претставата е дел од проектот „Театар од пелени“ наменет за деца помали од 2 години. Автор на претставата „Приказна за тркалото е Ивица Шимич кој во моментот живее и предава драматургија на престижниот универзитет во Хјуан, Кина. Со оваа претстава докажавме дека театарот за најмалите не само што е возможен туку е и неопходен. Малите деца не разбираат се во целост но со сите сетила ја доживуваат убавата слика и зборовите со кои им раскажуваме за светот кој ги опкружува.На овој начин всадуваме во нив естетски вредности за цел живот а непосредно и подсвесно им помагаме да го разберат светот околу нив. „Приказна за тркалото“ е едукативна претстава во која со помош на рачно изработени реквизити (машини, ветерници, мелници итн) на еден мошне сликовит и забавен начин на децата му го презентираме тркалото со многу филозофски дилеми но упростени на еден детски и наивен начин. Тркалото е форма која преовладува во светот што не опкружува: тоа е насекаде и во се. Се започнува и зависи од тркалото. Фактот дека со пронаоѓањето на тркалото започна и придвижувањето на човештвото за нас постарите е ноторен факт на кој не обрнуваме многу внимание но сепак ни е интересен, а замислете што се случува во детските глави.
01.10.2018 (понеделник) , со почеток во 18:00 часот, (Н.У. Народен театар Битола)
„Театарска школа Бабец“ , Битола , Македонија
„Јас – Македонија“
ментор: Јулијана Мирчевска
посетеност: 400 гледачи
Честа свечено да го отворат осмото издание на ИДТФ Битолино им припадна на децата од Театарската школа Бабец со театарската претстава создадена по идеа на Јулијана Мирчевска со наслов „Јас – Македонија“. Во претставата се користени текстови од најпознатите македонски драми и поезија а костимите кои ги носат децата се оригинална македонска народна носија, целта на оваа претстава е преку театар да ги запознаеме генерациите што допрва доаѓаат со историјата на македонската драма и поезија, со традицијата и обичаите на македонскиот народ.Во претставата настапуваат 23 деца членови на театарската школа Бабец.
02.10.2018 (вторник) , со почеток во 11:00 часот, (Н.У. Народен театар Битола)
“ La BaZooka“ – Авр, ФРАНЦИЈА
„Перничеграфија“
режија: Етиен Купен и Сара Крепин
посетеност: 450 гледачи
Вториот фестивалски ден започна со нашите гости од Франција кои доаѓаат за втор пат во Битола, театарот „La BaZooka“ кој е првиот танцов театар кој настапил на „Битолино“, основан е во 2002 година од познатите кореографи Етиен Купен и Сара Крепин. Добитници се на над 20 престижни награди низ цела Европа. „…„Перничеграфија“ е одговор на желбата за разиграност, обид да се победи гравитацијата, движејќи се кон танцот каде што телото се раствора во фигура која што е светла и мека: духот. Се работи за желба да се нурне во радосна вечер – време каде што само треба да пловиш и да се задржиш исправено, да скокнеш, да се движиш наоколу, а одење да стане апсурдно, тоа е да сакате да уживате во слободата, да се вратите во игрите, да бидете дух и да се вратите во животот. . ” Во претставата настапуваат 7 професионални танчери од целиот свет.
02.10.2018 (вторник) , со почеток во 19:00 часот, (Н.У. Центар за култура Битола)
“ Се што можеме“ – театарска работилница
модератори: Јулијана Мирчевска,Етиен Купен и Сара Крепин
посетеност: 50 учесници
Вториот фестивалски ден продолжи со театарската работилница со наслов „Се што можеме“, децата имаа единствена и неповторлива прилика да бидат подучувани од двата кореографи кои се на врвот европската танчерска елита, Етиен Купен и Сара Крепин. Работилницата беше посветена на танцот и искористувањето на една реквизита на сите можни начини. Со помош на модераторите ќе се обидовме да ја развиваме креативноста и фантазијата на децата со помош на театарски и танцови методи.
03.10.2018 (среда) , со почеток во 11:00 часот,(Н.У. Народен театар Битола)
State Drama theatre for children “Theatre at Narva Gates” , Санкт Петерсбург, РУСИЈА
„Пекарницата на браќата Грим“
режија: Марија Критскаја
посетеност: 400 гледачи
Третиот и последен фестивалски ден го започнавме со нашите пријатели кои по четврт пат настапуваат на Битолино, театарот со кој пред пет години Бабец театар ја направи првата меѓународна продукција, претставата „Кнтервилскиот дух“, театарот кој пред две години ја освои наградата за најдобра претстава на Битолино, државниот детски театар „На портите на Нарва“ од Русија.Театарот е основан 1990 година и со него раководи националниот уметник на Руската Федерација Валентина Луц. Ова е еден од најпрестижните детски театри во Русија со освоени повеќе од 100 признанија. Претставата „Пекарницата на браќата Грим“,го поставува прашањето што ако бајката може да се зготви? Во волшебната пекарница на браќата Грим преку денот се живее обичен живот, се пече леб и вкусни колачиња … И никој не знае дека ноќе – кога пекарницата е затворена – браќата почнуваат со вистинска работа. Овде, во волшебната пекарница, се прифаќаат нарачки за извонредни бајки. Тенџерето што зборува им помага да направат тесто за добра бајка. Па, тенџерето е лик не помалку важен од браќата. Заедничката кауза ги поврзува сите заедно: вечерва ќе ја печат “Приказна за куќата од колачиња”, па дури и триковите на најмладиот брат нема да ги спречат да ја завршат нарачката навреме…
03.10.2018 (среда) , со почеток во 13:00 часот, (Н.У. Центар за култура Битола)
“Tarla Faresi theater” , Измир, Турција
„Семе за црвена слива“
режија: Хикран Чали
посетеност: 100 гледачи
Последната претстава на осмото издание на Битолино беше претставата „Семе за црвена слива“ во продукција на Tarla Faresi театарот од Измир, Турција кој за прв пат настапија во Битола.Театарот е основан во 2003 година и е институционален член на националниот центар на АССИТЕЖ Турција. Во театарот работат професионалци и волонтери на кои заедничка точка им е љубовта кон театарот.„… „Семе за црвена слива“ е животна авантура на црвено семе исполнета со многу надеж, сонот на семето е да стане огромно дрво со многу овошје на себе и да ги направи луѓето среќни, давајќи им плод, но за несреќа паѓа на асфалтен пат наместо на мајката земја.И така започнува нејзината авантура. Семето ги надминува многуте пречки со трпеливост, напор и љубов без да ја изгуби радоста на животот, слаткиот сон да стане огромно дрво, да се сретне со птици и деца за да им даде плод полн со надеж. Тоа е единствената причина што го одржува во живот во текот на ова патување. Актерската игра беше подржана со пиано изведба во живо, па покрај убавата приказна децата уживаа и во класичната музика која совршено се вклопуваше во претставата и ја дополнуваше приказната.