Бременските музиканти

автор: Браќа Грим

режија, сцена и костим: Васко Мавровски

технички координатор: Цветан Јовановски

светло дизајн: Игор Мицевски

премиера: 26.05.2018

 

Бременските музиканти или приказната за избрканите животни кои бараат нов дом за прв пат ќе биде поставена на професионалната театарска сцена, една навидум едноставна приказна која во себе крие повеќе слојна анализа. Приказната ќе ја проследиме низ призмата на Хисторија, хроничар на човечкиот живот, која е заглавена во својот свет на книгите и која во тој магичен свет на пишаните зборови е апсолутен владетел, четирите остарени животни, неспособни за извршување на своите работни задачи и суровоста на нивните сопственици кон нив е мотивот за раѓањето на оваа приказна. Основната причина за која се одлучивме да ја поставиме оваа претстава е суровоста и „збунетоста“ на човекот кон животните, природата и кон останатите од неговиот род, нереалните очекувања и желбата за владеење со се што поседуваат од една страна и желбата на животните односно на сите живи суштества за слободен избор, за благосостојба и стремеж за подобар и слободен живот. Репликата на едно од животните во претставата „…што се случува со човештвото…“ всушност е нашата инспирација за реализирање на овој проект…крикот на единката за слобода и мечтата за подобро утре… Актерската игра на петмината професионални актери исполнета со многу танци, класичната музика обработена во еден нов и модерен призвук и едно ново визуелно решение на сценографијата и костимите поткрепени со многу магични визуелни ефекти треба да придонесат за едно ново незаборавно доживување на децата. Целта на оваа претстава е децата преку многу комични сцени забавувајќи се со згодите и незгодите на животните да имаат можност истовремено и да се запознаат со правилата и законите кои нас луѓето не обврзуваат да се грижиме за животните, да ја почуствуваат потребата на секој од нас да има пријател до себе кога е најтешко и да научат дека стремежот за слобода и исполнувањето на секоја нивна желба во животот е бесценето.