ДЕТСКИ ТЕАТАР БАБЕЦ

Заедно создаваме убави спомени од детството на секое дете.

Посветени на културниот развој на децата

Идејата за создавање на Детски театар во Битола се роди кон крајот на 2002 година.

Неколку месеци подоцна беше формиран Детски театар во кое беа вклучени неколку актери од НТ Битола, театарски режисери, продуценти, социјални работници, педагози, правници, економисти итн.

За многу краток временски период во соработка со УНДП успеавме да обезбедиме донација во вредност од 120.000 $ средства кои беа наменети за оспособување на веќе постоечки простор, набавка на театарски седишта, осветлување и озвучување, единствениот услов беше објектот да биде во сопственост на државата. Поради несогласувања со тогашното Министерство за култура и Општина Битола овој проект заедно со донацијата од УНДП пропадна.

За да ја докажеме потребата од создавање и функционирање на Детски театар во Битола со помошта на неколкумина бизнисмени и граѓани љубители на театарската уметност направивме пилот детска театарска претстава со наслов „Снежана и седумте џуџиња“ која се прикажуваше во просториите на киното „Македонија“ во Битола. Беа одиграни седум претстави  пред околу 1500 деца, последните две претстави беа продадени на билетарата кое дотогаш не беше замисливо да се случи за една театарска претстава. Добивме најпозитивни оценки од страна на колегите, педагозите и директорите на училиштата и од комплетната битолска јавност која безрезервно не поддржа за да продолжиме со работа на нови детски текстови. Подоцна добивме понуди за настап во околните градови на кои за жал не можевме да отпатуваме поради недостигот на финансиски средства, со исклучок на гостувањето во Ресен. Во 2005 година повторно на наша иницијатива поднесовме барање за создавање на Театар лабораторија во чиј склоп би работел и Детскиот театар, за таа цел побаравме да ни се додели салата на киното „Партизан“ во Битола но исто како и првиот пат се се заврши  без конкретен резултат.

Со помош на спонзорства, донации и сопствени средства успеавме да реализираме уште четири премиери, а по склучувањето на спогодбата за соработка со Центарот за култура во Битола во 2010 год и официјално го формиравме Здружението за култура и уметност Детски театар – Битола. Во чест на нашиот колега и еден од основачите на овој театар со одлука на управниот одбор здружението е преименувано во ДЕТСКИ ТЕАТАР “Петар Стојковски – Бабец” БИТОЛА.

Следејќи го развојот на младите поколенија кој за жал се повеќе и повеќе ја губат и онаа основна театарска култура, половичната посетеност на театарските претстави кои се продадени во основните и средните училишта која се поврзува со неадекватни за нивната возраст претстави кои им се прикажуваат, фактот дека во НТБ не се направила детска претстава од далечната 1996 година и од друга страна желбата на најмладите да се занимаваат со театар, потребата од создавање на нивно катче во кое би ја канализирале нивната нескротлива енергија, историската можност за создавање на здраво театарски потковано поколение кое во иднина треба да биде чувар и создател на македонската култура и уметност, не обврзува после 60 години да создадеме една нова институција која ќе им овозможи остварување на фантазиите на илјадници деца и ќе им отвори простор за креација и избегнување на многуте зла на новото време.

За реализација на овој проект е потребна финансиска поддршка од повеќе реномирани и влијателни компании од целата држава со кои ДЕТСКИ ТЕАТАР “Петар Стојковски – Бабец” БИТОЛА би направил годишни договори, за возврат театарот преку своите маркетинг служби ќе ги рекламира (влезници ,плакати, флаери, билборди ,прес конференции ,гостувања во странство итн.) компаниите како поддржувачи и пријатели на децата.

Основната цел на ДЕТСКИ ТЕАТАР “Петар Стојковски – Бабец” БИТОЛА би била вклучување на што поголем број на деца во Театарската школа, балетските групи, хорот итн. кои би работеле во склоп на театарот, реализација на детски претстави, создавање на детски летен камп во соработка со ЗОО градина во Битола, едукација на најмладите од страна на социјални работници и педагози, реализација на мултиетнички проекти во кои би биле вклучени деца од сите националности и кои би работеле претстави на својот мајчин јазик, соработка со останатите театри за деца на ниво на Македонија и пошироко, организирање на детски театарски фестивал, создавање на театарски работилници во кои децата ќе имаат можност да ја истакнат и да ја надградат својата креативност преку разни задолженија како креирање на костими, изработка на реквизити, изработување на кукли за куклени претстави, пишување поезија, свои сценарија за детски претстави, организирање на детски изложби, вклучување на најмладите во детски радио и телевизиски емисии кои ќе бидат реализирани со помош на локалните радио и ТВ станици итн.

ЦЕЛИ НА ПРОЕКТОТ

Преку театар, преку песна, балет, социјализација на децата, истакнување на нивната креативност, оттргнување на децата од улицата, запознавање на децата со разликите во културата на останати етничките заедници кај нас и нивно зближување, едукација за опасностите кои не демнат секојдневно како дрогата, сидата, трговијата со луѓе, семејното насилство, запознавање со природата и нејзина заштита, запознавање со културните богатства и создавање на едуцирана публика која ќе биде стожер на новиот модерен македонски театар.

Создавањето на ДЕТСКИ ТЕАТАР “Петар Стојковски – Бабец” БИТОЛА ќе создаде простор каде децата ќе имаат можност да се изразат себеси, да се осознаат себеси, да ги истакнат своите интелектуални способности. Ќе создадеме нови млади поколенија кои ќе знаат да го почитуваат македонското културно наследство, кои ќе знаат да се почитуваат самите и луѓето од другите етнички заедници, зближување на постарите генерации со помладите уочување на потребите, конфликтите, вредностите што ги има младиот човек. Со самото создавање на ДЕТСКИ ТЕАТАР “Петар Стојковски – Бабец” БИТОЛА ќе создадеме една нова традиција која очекуваме овие исти млади луѓе во иднина да ја продолжат.

Full Day Session

Play Area

Activity Rooms

We are happy to introduce our classes

Take a look and decide what is the best one for your children

ALL CLASSES